РИМ ГИ ОТВОРИ СВОИТЕ ЗНАМЕНИТОСТИ И РИМЈАНИТЕ ЗА ПРВПАТ ГИ ИМААТ САМО ЗА СЕБЕ

Рим, (Гардијан)

Алесандра Грималди е родена во Рим, но сѐ до вчера, на Колосеумот му се воодушевувала само однадвор. Заедно со својот шестгодишен син, таа беше дел од првата група од 14 посетители кои влегоа во древниот амфитеатар откако повторно беше отворен за јавност.

„Мислам дека живеам во најубавиот град на светот и сега имам можност да ги посетам местата на поинаков начин. Сега нѐ има малку овдека, па можеме вистински да уживаме“, вели Грималди.

Колосеумот е меѓу многуте италијански знаменитости кои повторно ги отворија своите врати по повеќе од три месеци. Римјаните барем на кратко ги имаат сите овие места само за себе: нема редици, туристички тури и здодевни улични продавачи.

„Ова е една од ретките придобивки на овие мрачни времиња. Неверојатно чувство е да се влезе во оваа гигантска структура и да имате време да уживате во неа колку сакате. После ова ќе одиме во Ватиканските музеи“, изјави 25-годишниот Франческо Чипола.

Иако немањето гужви е добра вест за локалните жители, италијанската влада посакува што побрзо да го заживее туризмот, бидејќи оваа гранка дава 13% од бруто домашниот производ и вработува илјадници луѓе. Ова ќе биде можно од утре, кога Италија ги отвора границите за државјаните на Европска Унија.

Но, ќе има нови правила. Пред кризата, Колосеумот одеднаш можеше да прими до 3.000 луѓе, а сега се дозволени мали групи од по 14-мина. Билетите се купуваат само преку интернет, а посетителите мора да носат маска и им се мери температура на влезот.

Кривата кула во Пиза и археолошкиот парк Помпеја исто така повторно се отворени вчера.