МИ СЕ ИСПОЛНИ ДЕТСКИОТ СОН – БАЛЕРИНАТА СТЕФАНИЈА ГАШТАРСКА СЕ ВРАБОТИ ВО РУСКИ БОЉШОЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Пресреќна сум, ова е мој сон од многу малечка“, ни рече 18-годишната Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина која стана дел од светски познатиот театар Бољшој во Москва.

Стефанија со балет се занимава од девет години, во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, во класата на Данилоска-Кочевска. На 15 години замина да учи во државното училиште во Перм (Русија), едно од најстарите балетски школи кои работат по Ваганова методот, а образованието го продолжи на Академијата за балет на Бољшој. На 16 години настапи во Бољшој, ја играше принцезата Аурора од балетот „Заспаната убавица“, на балетската гала вечер посветена на кореографот Мариус Петипа, на која настапија 240 претставници од најдобрите балетски школи во Русија.

Фото: А. Глоба

„Во огромна конкуренција, Стефанија дипломираше со највисоки оценки како единствена балерина од странство во руски клас и е единствена од странска земја која влезе во Бољшој, останатите се Руси“, вели нејзината мајка Марија Крстевска, балерина во Националната опера и балет (НОБ).

Од цела генерација, вработени се седум девојчиња и едно момче и доколку биде сѐ во ред со ситуацијата со коронавирусот, Стефанија треба да замине од Скопје за Москва на 28 јули. Крстевска вели дека сѐ уште не се знае ништо за репертоарот, ниту кои услови ќе ѝ бидат понудени, но тоа ќе биде познато откако ќе се стабилизира ситуацијата.

Фото: М. Крстевска

„Ова ѝ е сон од малечка и навистина се вложи себеси за да дојде до овде и да го постигне ова. Многу труд, откажување и многу, многу, многу работа“, ни изјави Крстевска.

Б. НЕСТОРОСКА