ОВА Е АЛБУМ ШТО НЕ МИСЛЕВ ДА ГО ПРАВАМ, ВЕЛИ НОРА ЏОНС ЗА СВОЈОТ НОВ, ОСМИ АЛБУМ

Њујорк, (АП)

Откако поминала две години снимајќи еднократни месечни сесии, Нора Џонс конечно сфатила дека има доволно добри песни за нов албум.

Осмиот албум на американската џез поп пејачка насловен „Pick Me Up Off the Floor“ излегува денеска и иако 11-те песни се пишувани и снимани периодично, таа вели дека станува збор за кохезивна колекција, која е лична и емотивна.

Таа се вратила во студио набргу по завршувањето на турнејата која го следеше нејзиниот последен албум „Day Breaks“ (2016), но главната цел на овие месечни сесии била соработка со музичари и правење по некој сингл.

Бев крајно инспирирана за пишување песни и тие едноставно излегуваа од мене. Вообичаено не сум претерано плодна. Имам креативни периоди и мислев дека овие месечни сесии би можеле да ме отворат за нови работи и така и беше. Од тоа произлезе албум што не мислев да го правам“, вели 41-годишната Џонс.

Џонс, која е ќерка на легендарниот индиски музичар Рави Шанкар, има освоено девет Греми награди и продадено над 50 милиони албуми во изминатите 18 години.