АНГЛИСКАТА ПРЕМИЕРЛИГА ПРОДОЛЖУВА СО НАВИВАЧИ НА ГОЛЕМИ ЕКРАНИ И БЕЗ ПЛУКАЊЕ НА ТЕРЕНОТ

Лондон, (Би-Би-Си)

Фанови на големи екрани и посебни камери за прославување голови се некои од унапредувањата на ТВ-преносите од натпреварите од англиската Премиерлига, што ќе можат да се видат кога таа утре ќе продолжи по три месеци пауза.

Други иновации вклучуваат камери во тунелите што водат на теренот и звучна поддршка на фрлањето на паричката пред почетокот на мечевите. Бидејќи ќе се игра пред празни трибини, преносите ќе бидат проследени со лажна навивачка бучава, што играчите на теренот нема да ја слушаат.

Седиштата кои се најблиску до теренот ќе бидат декорирани од клубовите, со цел да се подобри околината и визуелно и акустично.

При славењето на головите, фудбалерите би требало да држат дистанца и да се упатат кон посебна камера за славење.

Играчите нема да смеат да влегуваат во блиски расправии со судиите, ниту да плукаат и да си го секнат носот на теренот.