Собранието гласаше да се одобри притвор за пратеници.
Без присуство на пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Собранието со мнозинство гласови го прифати барањето на Основниот суд 1 во Скопје, кое прво беше одобрено од Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и им го одзеде имунитетот на шесте пратеници, осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста во врска со организираниот напад во парламентот на 27 април.
- Собранието им го одзеде имунитетот на пет пратеници на ВМРО-ДПМНЕ (Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов) и на еден од Социјалистичката партија (Љупчо Димовски).
- Освен владејачкото мнозинство, одлуката ја поддржаа и ДПА и Беса.
- Претседателот на Собранието, Талат Џафери, веднаш ги потпиша донесените одлуки, кои се испратени во Кривичниот суд во Скопје.
- Со ова се отвори можност судот да пристапи кон одлучување по предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое бара да се одреди мерка притвор за пратениците.
- Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека се трага по уште шест лица во врска со случувањата од 27 април. Обвинителството отвори истрага за вкупно 36 лица, од кои за неколкумина веќе е одреден 30-дневен притвор.