НОРВЕШКА ПОЧНА ДА ИСКОПУВА ВИКИНШКИ БРОД ПРВПАТ ПО ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН ВЕК

Осло, (Би-Би-Си)

Археолозите во Норвешка го почнаа првото ископување на викиншки брод по повеќе од 100 години. Тој е откриен пред две години на древни гробишта во Гјелестад во југоисточниот дел на земјата.

Иако се верува дека остатоците се во лоша состојба, ова откритие е многу значајно бидејќи досега во земјата се пронајдени само уште три добро зачувани викиншки брода, последниот во 1904 година. Се очекува ископувањата да траат пет месеци.

„Иако е зачуван само дел од бродот, модерните технологии би можеле да ни покажат каков бил неговиот оригинален изглед“, вели Кнут Пасхе од Норвешкиот институт за истражувања на културното наследство.

Бродот, за кој се верува дека бил долг 20 метри, бил откриен со модерни подземни радарски испитувања во 2018 година.