Чешки дизајнери претставија прототип на 3-Д отпечатена куќа за која велат дека може да се изгради за само 48 часа и има трајност од 100 години.

Проектот „Првок“ е дело на скулпторот Михал Трпак, кој се здружи со група архитекти за да го направи прототипот, што промотивно ќе биде поставен на понтон на реката Влтава во Прага во август.

„Ние се надеваме дека нашиот проект може засекогаш да ја промени градежната индустрија, така што домовите и изградбата ќе станат подостапни и ќе се создава помалку отпад од традиционалните методи на градење“, вели Трпак.

Куќата, која има спална соба, дневна соба со кујна и бања, како и зелен покрив, се гради со „Скулпт“, роботска рака што се користи во автомобилската индустрија. Машината печати 15 сантиметри во секунда, па за целата куќа од 43 квадратни метри се потребни 48 часа. „Скулпт“ користи нов тип на бетон со влакна, кој целосно се стврднува за 28 дена.

3-Д печатењето исто така ослободува 20% јаглерод диоксид помалку од традиционалното градење, кое се смета за еден од најголемите загадувачи на светот.

„Во иднина, сопственикот ќе може да ја урне куќата и да ја отпечати повторно со истиот материјал“, вели Трпак.