РЕСТОРАН СО ТРИ МИШЕЛИН ЅВЕЗДИ ЗАБРАНИ СЛИКАЊЕ НА ХРАНАТА

Лондон, (Индипендент)

Британски ресторан со три Мишелин ѕвезди, „Вотер ин“ во Беркшир, им забрани на гостите да ја сликаат храната.

Ресторанот, основан во 1972 година од Мишел Ру и неговиот брат Алберт, има долга традиција на извонредно готвење. Тој беше именуван од „Мишелин“ како „класичен француски ресторан“ и беше награден со три ѕвезди, статус што го одржува од 1985 година.

„Навистина им се лутам на оние што постојано ја сликаат храната“, изјави 76-годишниот Мишел Ру, кој нареди да се закачи лист со зборовите „Ве молиме, не сликајте“ на главниот влез на ресторанот.

Иако ресторанот сега го води синот на Мишел, тој продолжува да има влијание врз правилата на ресторанот и изјави дека повеќе нема да ги толерира оние кои ја фотографираат храна за социјалните мрежи.

Мишел е најмногу револтиран затоа што смета дека ниту една Инстаграм слика не може да го долови квалитетот на вкусот на храната, која тој ја подготвува.

Меѓутоа, „Вотер ин“ не е првиот ресторан кој вовел рестрикции за сликањето на храната.

Во 2014 година, група врвни готвачи во Франција почнаа кампања за забрана на сликање храна, тврдејќи дека оваа навика ја нарушува целосната атмосфера во рестораните.

Речиси веднаш потоа, некои ресторани во Њујорк ја воведоа оваа политика, како „Момофуки ко“, познатиот ресторан за азиска храна.