Норвешката влада ќе направи исклучок за Том Круз и екипата на „Невозможна мисија“ и ќе им дозволи да снимаат сцени од филмот наесен, без да бидат подложени на карантински ограничувања, објави министерката за агрокултура и храна Олауг Болестад.
Снимањето на седмото и осмото продолжение на франшизата на „Парамаунт“ во Италија беше прекинато во февруари поради ширењето на коронавирусот. Засега е познато дека седмиот филм треба да излезе во ноември 2021, а осмиот една година подоцна.
„Снимањето на филмот ќе се одвива под строг превентивен режим. Екипата нема да се меша со други луѓе за време на престојот во Норвешка. Ќе мора да се тестираат пред да дојдат и кога ќе дојдат и со себе ќе имаат медицински персонал и мобилна лабораторија за тестирање“, рече министерката.