ЕКОЛОШКИ ХОТЕЛ ИНСПИРИРАН ОД ФИЛМ ЗА ЏЕЈМС БОНД НУДИ МОЖНОСТ ДА СЕ СПИЕ СРЕДЕ ОКЕАН

Париз, (Лонли планет)

Француска компанија го отвори првиот хотел кој овозможува да се спие среде океан и притоа има погон на сончева енергија. „Антенеа“ е целосно опремена капсула која може да прими 12 гости, обезбедувајќи им незаборавно искуство.

Овој еко-хотел нуди поглед од 360 степени на океанот, а преку стаклениот под гостите можат да го набљудуваат подморскиот жив свет. Компанијата вели дека идејата за хотелот ја добила од филмот за Џејмс Бонд од 1977 година, „Шпионот кој ме сакаше“.

Првиот хотел „Антенеа“ беше отворен во пристаништето во Треберден покрај брегот на Бретања и компанијата вели дека има голем интерес за негово изнајмување. Брендот планира да почне да се шири на пролет следната година, што предвидува поставување на вакви хотелски капсули на повеќе локации низ светот.

Пловилото од 50 квадратни метри е дизајнирано така да го следи сонцето преку петте автоматски ротирачки соларни панели.

„За да управувате со ‘Антенеа‘ не се потребни посебни навигациски вештини или дозволи, а сидрото можете да го фрлите каде што ќе посакате. Замислете да гледате море и риби во вашиот хотелски апартман, а ноќе да спиете под ѕвезди“, велат од компанијата.

Цените за едно ноќевање за две лица почнуваат од 290 евра.