Белгиски дизајнери почнаа нов тренд така што ги пренаменуваат заштитните маски кои се задолжителна превентивна мерка против ковид-19 во модни додатоци. На маската можат да се стават аксесоари или, пак, да се користи како голема шамија или шал, а цените се движат од 75 до 160 евра.
Дизајнерката од Брисел Ауде де Волф креираше „шал маска“ која може да биде изработена од лен, кашмир или од друг висококвалитетен материјал.
„Инспирација ми беше мојата мајка, затоа што не е задоволна како ѝ изгледа вратот“, вели Де Волф, која соши над 1.500 бесплатни маски за болниците.
„Додека сте во автомобил можете да ја симнете маската или да ја вратите назад кога сте во затворен објект, а пак на себе да носите луксузен детаљ“, вели таа за овој тип на маска, која чини 160 евра.
Дизајнерката Оливија Аино почна да изработува маски со светки, скапоцени камења и свилени парчиња. Нивната цена почнува од 75 евра, во зависност од тежината на изработката и материјалите.
„Ова не се маски за секојдневна употреба, туку за свадби или за забави. Идејата е да се внесе малку радост во нешто што е многу тажно“, вели таа.