ВО ТАЈВАН СНИМЕНО ВИНОЖИТО КОЕ ТРАЕЛО ДЕВЕТ ЧАСА

Тајпеи, (Би-Би-Си)

Виножито најчесто е краткотраен магичен природен феномен, не подолг од еден час, но професорите и учениците од Кинескиот културен универзитет од Тајван минатата недела имале ретка можност со часови да уживаат во глетката.

Тие веруваат дека ова е најдолгото виножито на сите времиња, бидејќи се одржало цели девет часа во околните планини.

„Беше неверојатно, како подарок од небото. Тоа беше толку редок настан“, кажа професорот Чоу Кун-хсуан.

Тој и неговиот колега Лиу Чинг-хуанг, со помош на свои студенти, вложиле напори да го документираат целиот настан и нивните набљудувања, фотографии и видеоснимки покажуваат дека виножитото траело од 6.57 до 15.55 часот, точно осум часа и 58 минути.

Ако ова се потврди, со тоа ќе биде надминат Гинисовиот рекорд на најдолго виножито од шест часа, кое било регистрирано во Јоркшир, Англија, во 1994 година.