РОБИН РАЈТ ЈА ПРЕЗЕМА ГЛАВНАТА УЛОГА ВО „КУЌА ОД КАРТИ“

Лос Анџелес, (Вараети)

Ликот на Робин Рајт, Клер Андервуд, ќе биде во фокусот на последната, шеста сезона од хит-серијата „Куќа од карти“, чие снимање ќе почне во почетокот на наредната година.

Ова го објави Тед Сарандос, шефот на програмата на „Нетфликс“, кој откри и дека последната сезона ќе има само осум епизоди, место вообичаените 13.

„Нетфликс“ беше принуден да направи драстични промени во серијата, откако главната ѕвезда Кевин Спејси доби отказ минатиот месец, по дознавањето за неговиот секс-скандал со малолетник од 1986 година.

„Со продукцијата на последната сезона ќе се почне во почетокот на новата година и во неа нема да биде вклучен Кевин Спејси. Главна ѕвезда ќе биде Робин Рајт и возбудени сме фановите да видат како ќе заврши оваа приказна“, изјави Сарандос, не откривајќи како серијата ќе се реши од ликот на Френсис Андервуд.

Иако, всушност, римејк на британска серија, „Куќа од карти“ беше првата оригинална серија на „Нетфликс“, при што првата сезона беше емитувана во 2013 година.