НОБ СО „БОЛЕРО“ ПОД МАСКИ НА ОХРИДСКО ЛЕТО ВО ЧЕСТ НА ОЛГА МИЛОСАВЉЕВА

Охрид, (СМАРТ.СДК.МК)

Со оперски концерт и балетска премиера, Националната опера и балет (НОБ) вечерва е дел од програмата на Охридско лето. Гала оперскиот концерт и балетската премиера „Болеро“ од Морис Равел во кореографија на Саша Евтимова се најавени на сцената Долни Сарај, Охрид.

Ќе диригира Бисера Чадловска, а на концертот ќе настапат солистите: Сандра Митровска, Катерина Стојановска, Ѓорѓи Цуцковски, Владимир Саздовски, како и Оркестарот на НОБ.

„Програмата е специјално конципирана за да може да се изведе во овие специфични услови. Сите учесници ќе ги почитуваат мерките за одржување на вакви настани со тоа што за време на концертот ќе седат на соодветна дистанца, секој на посебен пулт и со маски на лицето, се разбира оние учесници на кои инструментот тоа им го дозволува“, вели Чадловска, уметнички раководител на Операта, а на гала концертот, освен балетската премиера на популарното „Болеро“, ќе бидат изведени оперски дела од Моцарт, Пучини, Бизе и Чилеа.

„Освен што ‘Болеро’ е омаж за Олга Милосављева, пораката на самиот балет за мене лично е пребродување на сите препреки кои ги имаме во животот, а за тоа ни е потребна љубов, сплотеност, единство, надеж, среќа…едноставно чувство на победа“, вели кореографката Евтимова. (Фото: НОБ)

Олга Панго, уметничка раководителка на Балетот, вели дека подготвиле премиера на „Болеро“ кое е во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести. „Тоа е балет под маски, без допир и на дистанца. За нас претставува една нова авантура во балетската уметност и еден нов балетски израз во кореографија на Саша Евтимова“, вели Панго.

„Драго ми е што после долга пауза од 5 месеци, со заеднички напор и желба, повторно се вративме во сала,на работа. Идејата за ‘Болеро,’ која е всушност е омаж за Олга Милосављева, беше во план уште пред прогласувањето на пандемијата, нормално вклучувајќи го целиот балетски ансамбл, некаде околу 30 артисти на сцена. Во овие тешки моменти и услови, морав како кореограф да го редуцирам ансамблот, со метар и пол дистанца, помеѓу секој играч следејќи ги препораките од Mинистерството за здравството. Освен што ‘Болеро’ е омаж за Олга Милосављева, пораката на самиот балет за мене лично е пребродување на сите препреки кои ги имаме во животот, а за тоа ни е потребна љубов, сплотеност, единство, надеж, среќа…едноставно чувство на победа“, вели кореографката Евтимова. Режијата е на Дејан Прошев, а костимите на Марија Пупучевска

Претходно, во 20 часот во Предворјето на „Св.Софија“ ќе настапи дуото од Украина, Дима Ткаченко на виолина и Роман Лопатински на пијано.