И новата учебна година ќе почне онлајн за најголем дел од учениците, објави денеска Владата, донесувајќи ваква одлука на препорака на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Таа ќе почне следниот месец, но засега нема точен датум кога.
„И покрај тоа што крајната цел на Владата беше учениците да се вратат во училишните клупи, мора да бидеме максимално свесни и внимателни за да се намали ризикот од ширење на коронавирусот и да се зачува здравјето на населението. Наша препорака е наставата да почне онлајн, со два исклучока“, кажа министерот за здравство Венко Филипче.
Децата од прво до трето одделение, категорија во која што има многу малку случаи на зараза со коронавирус и тоа главно без симптоми, ќе можат да посетуваат настава на училиште, што, сепак, ќе биде избор на родителите. Во другиот случај, физичката настава ќе може да се организира таму каде што бројот на учениците е помал.
„Предвидено е да нема повеќе од 20 деца во паралелка, да седат на растојание од 1,5 метри и да носат маска“, кажа Филипче.