„БИТОЛА ОТВОРЕН ГРАД“ ИМ ЈА ОТСТАПИ СЦЕНАТА НА ДОМАШНИТЕ МУЗИЧАРИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Младинскиот културен фестивал „Битола отворен град“, кој отсекогаш претставувал мегдан за презентација на различни култури, годинава поради пандемијата на ковид-19 ја резервира музичката сцена за македонските музичари. На 19. издание на „Битола отворен град“, кое трае до сабота, утревечер од 21 часот на античкиот локалитет Хераклеја ќе настапат „Плуто‘с даут“, „Фолтин“ и „Суперхикс“. В сабота, во Пацио се закажани концертите на „Вел“ и „Мугер фугер“, кој заедно со Горан Трајковски ќе го презентира најновиот албум.

„Беше предизвик во вакви околности да се организира фестивалот. Концертите ќе се одржат по сите протоколи за заштита од ковид-19. Билетите се беплатни, но со онлајн резервација, зашто бројот на посетители ќе биде ограничен“, рече Сашо Додовски, директор на МКЦ-Битола, кој е организатор на фестивалот.

„Битола отворен град“ започна денеска со изложбата „Најкул мртви луѓе“ (Coolest dead people) на графичкиот дизајнер и илустратор Кристина Карапеоска. Изложбата е визуелизација на помалку познати факти за многу значајни ликови од историјата, како Чарлс Буковски, Чарли Чаплин, Елвис Присли и други. Вечерва во Магаза ќе се одржи промоција на монографијата „Македонска дискографија-винили (1958- 2019)“ од Тошо Филиповски.

„Интеркултурната соработка е белег на фестивалот, но во услови на пандемија, карантини и изолација моравме да направиме еден напор за саморефлексија. Ќе се фокусираме на македонските уметници, музичари, за да им дадеме поддршка и да ја промовираме македонската уметност и музика“, рече Златко Талески, извршен директор на МКЦ-Битола.

Ж. ЗДРАВКОВСКА