РОНАЛДО СТАНА САМО ВТОР ФУДБАЛЕР СО 100 ГОЛОВИ ЗА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Лисабон, (Си-Ен-Ен)

Португалската ѕвезда Кристијано Роналдо го постигна 100. гол во репрезентативниот дрес, станувајќи само втор фудбалер во историјата кој ја надминал оваа граница.

Тој ги постигна двата гола во победата над Шведска од 2:0 во Лигата на нации, со што, всушност, стигна до бројката од 101 погодок за националниот тим. Сега му недостигаат само уште осум голови за да го израмни рекордот на Иранецот Али Даеи.

Роналдо (35) го имаше репрезентативното деби на мечот со Казахстан во август 2003, а првиот гол го постигна следната година, против Грција, на стартот на Европското првенство во Португалија. Откако наполни 30 години, Роналдо има дадено 49 голови за репрезентацијата.

На третото место на вечната листа на репрезентативни голгетери е покојниот Малезиец Мохтар Дахари со 86 голови.