Бившата ѕвезда на „Дизни“, Зендаја, ја доби наградата Еми за најдобра актерка во драма и вели дека срцето ѝ било полно кога видела дека останатите номинирани актерки, меѓу кои и Џенифер Анистон, навиваат со овации за неа. Со 24 години, таа стана најмладата добитничка на оваа награда.
Зендаја со емоции ја прими наградата за улогата во серијата на Ејч-Би-О, „Еуфорија“.
„Обично не плачам, но ова е многу емотивен момент. Сѐ уште не ми се верува, навистина е откачено. Знам дека ова е чудно време да се прославува, но сакам да кажам дека има надеж за младите луѓе“, изјави пејачката и актерка.
Зендаја победи во категорија во која беа и оскаровката Оливија Колман, Лора Лини и Сандра О.
„Еуфорија“, чија прва сезона се емитуваше летово, се базира на израелска серија и следи група средношколци и нивни искуства со сексот и дрогите.