СТАОРЕЦ КОЈ ОТКРИВА МИНИ НАГРАДЕН СО ЗЛАТЕН МЕДАЛ ЗА ХРАБРОСТ

Лондон, (Гардијан)

Голем африкански стаорец е награден со престижно признание за неговите заслуги во откривањето на нагазни мини.

Користејќи го своето чувство за мирис, Магава има откриено 39 мини и 28 други неексплодирани парчиња муниција во својата кариера, за што британската ветеринарска хуманитарна организација ПДСА му додели Златен медал. Од 30-те наградени животни досега, ова е првпат медалот да го добива стаорец.

„На овој начин оддаваме признание на неговата храброст и на неговата посветеност на должноста во лоцирањето и расчистувањето на смртоносни мини во Камбоџа“, соопшти ПДСА.

Седумгодишниот глодар бил обучуван од белгиската хуманитарна организација АПОПО, која од 1990-ите одгледува животни за да откриваат мини и туберкулоза. Магава досега има расчистено над 141.000 квадратни метри земјиште, што е рамно на 20 фудбалски терени. Тој може да истражи област со големина на тениски терен за 30-ина минути.