Извештаите дека Саша Барон Коен тајно го снимил продолжението на својата хит комедија „Борат“ добија нова потврда откако тој го пријавил името на филмот во Американското здружение на сценаристи.
Според холивудските медиуми, полниот наслов ќе биде „Borat: Gift of Pornographic Monkey to Vice Premiere Mikhael Pence to Make Benefit Recently Diminished Nation of Kazakhstan“, со што ќе биде уште подолг од името на првиот филм од 2006 година („Borat: Cultural Learning of America for Make Benefit Glorious Nation of Kazakhstan“).
Сајтот „Колајдер“ прв минатиот месец објави дека Коен го снимил „Борат 2“ за време на пандемијата и дека го прикажал пред одбрана група луѓе од филмската индустрија. Малку е познато за содржината на филмот, кој би можел да излезе пред претседателските избори во САД на 3 ноември.
„Борат“ беше еден од најуспешните филмови во 2006, заработувајќи над 260 милиони долари на светско ниво. Освои златен глобус за најдобра комедија, а Коен беше номиниран за оскар за најдобро адаптирано сценарио.