Под мотото „Свесна мода“, вечерва во 19 часот се отвора 22. издание на Моден викенд Скопје, кој во наредните три дена ќе се одржува во „Јавна соба“.
Оваа година, тој е осмислен како тридневен „поп-ап“ настан со продажен презентациски простор, уметнички инсталации, студентски изложби, едукативни предавања и богата музичка програма. Влезот е слободен, а сето ова ќе може да се проследи од 10 до 22 часот.
Списокот на учесници го сочинуваат угледни и перспективни дизајнери и брендови од земјата и странство, како Ирина Тошева, Евгенија Зафировска, Терзија, Стефанија Насеска, Котев Ксенија, Сенка, Липа…
„Заедно со нашите партнери направивме внимателна селекција на современи дизајнери и брендови кои вреди да ги види широката публика. Главна цел ни е да им дадеме максимална поддршка на креативните дејци во моментот, фокусирајќи се на врвните имиња, но и на новите таленти кои следат еколошки, занаетчиски и етички пристап во работата“, истакна Милан Атанасов, координатор за односи со јавност на Моден викенд Скопје.