Оскаровецот Џорџ Клуни и нобеловецот Боб Дилан ќе соработуваат на филмската адаптација на првата книга за бејзбол на американскиот писател Џон Гришам. „Калико Џо“ е приказна за татко и син, сместена во американската бејзбол лига. Книгата е инспирирана од животот на бејзбол играчот од 1920-ите, Реј Чепман.
„Џон напишал прекрасна приказна и можноста да се соработува со Боб за да се оживее на филмското платно е едноставно фантастична“, стои во изјавата на продукциската куќа на Клуни, а легендарниот музичар се надоврза:
„Џорџ го виде во книгата она што и јас го гледам: моќна приказна со која ќе се поврзат и стари и млади“.
Тие не открија други детали за филмот, но холивудските медиуми пренесуваат дека Клуни ќе го режира, а Дилан ќе го адаптира сценариото.