ПЕТРА, ГАЛАПАГОС И БЛЕД МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ДЕСТИНАЦИИ ЗА ПАТУВАЊЕ ВО 2021

Њујорк, (Си-Ен-Ен)

2020 не беше добра година за патувања. Пандемијата на коронавирусот буквално го запре светот и во такви околности, туризмот беше еден од најтешко погодените сектори.

Сајтот „Лонли планет“ ја состави својата годишна листа на најдобри дестинации за патување во 2021, со надеж дека ќе ги инспирира луѓето во овие тешки времиња.

Песочната карпа Улуру е едно од обележјата на Австралија и свето место за Абориџините (Фото: Шатерсток)

На врвот на листата се најде најголемата туристичка атракција на Јордан, „изгубениот град“ Петра, што „Лонли планет“ го опиша како „вистински мистериозно и предизвикувачко место“. Изграден од древниот народ Набатејци, цивилизација на занаетчии и трговци, Петра била важна станица на големата трговска маршрута меѓу арапските оази. Откако била напуштена, со векови била дом само на бедуини и заборавена од остатокот на светот.

На второто место е Галапагос, дом на некои од најживописните суштества на светот. Оддалечен 1.000 километри од јужноамериканското копно, националниот парк Галапагос, во чиј состав има 17 острови, е познат по својот исклучително разновиден жив свет и целосно е заснован на екотуризам.

Езерото Блед е едно од најпосетените места во Словенија (Фото: Лонли планет)

Националниот парк Улуру-Ката Тјута, кој се најде на третото место, е едно од обележјата на Австралија. Песочната карпа Улуру, висока 348 метри, важи за свето место за домородните Авориџини и властите ги забранија искачувањата во 2017 година.

Во топ 10 уште се делтата на реката Окаванго (Ангола), националниот парк Јелоустон (САД), езерото Блед (Словенија), водопадите Игуазу на границата меѓу Аргентина и Бразил, храмовите на Ангкор (Камбоџа), најголемото солено езеро на светот Салар де Ујуни (Боливија) и планинскиот масив Анапурна (Непал).