„Рено“ го претстави „меган еВижн“, храбар електричен концепт, за кој вели дека ќе му даде нов живот на класичниот хечбек. Тој би требало да почне да се произведува на крајот на следната година.

Кога ќе пристигне, „еВижн“ нема веднаш да го замени „меган“, туку неговата бензинска верзија уште некое време ќе остане во продажба. Дизајнот на „еВижн“ силно се базира на концептот „рено морфоз“.

„Автомобилот изгледа многу футуристички и ова е 95% од она како ќе изгледа кога ќе влезе во производство. Ова е само почеток, следува цела нова генерација на иновативни електрични возила. Досега се пријавени повеќе од 300 патенти“, изјави новиот шеф на „Рено“, Лука де Мео.

Концептот е опремен со батерија од 60 киловат-часови, која овозможува со едно полнење да се поминат 450 километри.