ЛИТЕРАТУРАТА ВО ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈА ЌЕ БИДЕ ТЕМА НА ШЕСТИОТ ФЕСТИВАЛ „КНИЖЕВНИ ЅВЕЗДИ“ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од денеска до среда, во Кинотеката ќе се одржува шестото издание на Фестивалот на европската литература „Книжевни ѕвезди“, под слоганот „BOOKSTAR-29 vs COVID-19“.

„Ќе има промоција на најновото издание на еден од најценетите домашни автори, книжевна дискусија која произлегува од слоганот на фестивалот и проекција на онлајн разговори со значајни европски автори, чие физичко присуство, за жал, не успеавме да го реализираме поради актуелната состојба“, вели организаторот, издавачката куќа „Антолог“.

Денеска во 17:30 часот ќе биде претставена првата странска гостинка, поетесата Јоланда Кастањо од Шпанија, која на македонската публика ѝ е позната како учесничка на Струшките вечери на поезијата. Популарната шведска авторка Софија Лундберј потоа ќе зборува за своето творештво, предизвиците да се пишува во време на пандемија и за своите љубовни романи „Црвениот адресар“ и „Прашалникот е половина срце“, кои се објавени на македонски јазик во издание на „Антолог“.

Двете промоции ќе се одвиваат онлајн, а ќе бидат проектирани пред публиката во Кинотеката.