Саша Барон Коен уште еднаш со својот шокантен хумор успеа да го разобличи американското општество, но дури и тој смета дека вистинската ѕвезда на неговиот нов филм „Борат 2“ е младата бугарска актерка Марија Бакалова.
Иако всушност има 24 години, Бакалова во филмот ја игра 15-годишната ќерка на Борат, Тутар, која доаѓа со него во Америка за да биде подарок за потпретседателот Мајк Пенс, но откако тој план нема да им успее, таа станува новинарка. Коен смета дека Бакалова за својата изведба заслужува и номинација за оскар.
Бакалова е родена во 1996 година во Бургас и ова ѝ е прво искуство во Холивуд. За да ја добие улогата на Тутар, таа поминала низ аудиција на која се пријавиле 600 актерки.
„Почнавме со испраќање на снимка што сама ја направив, тоа беше отворен повик. Потоа испратив уште една, па неколку пати бев во Лондон и дури глумевме со вистински луѓе на првата аудиција. Беше лудо“, изјави Бакалова.
Во сцената за која најмногу се зборува, таа се преправа дека е новинар и во хотелска соба му прави интервју на адвокатот на Трамп, Руди Џулијани, кој во еден момент ја става раката во панталоните додека лежи на кревет.
Бакалова успеа да влезе и во Белата куќа на прес-конференција на Трамп и да се запознае со неговиот син Доналд Џуниор, но таа сцена не беше вклучена во филмот. Таа во филмот главно зборува на бугарски, кој е претставен како казахстански јазик.