Сер Шон Конери, елегантниот шкотски актер кој прв на филмското платно го оживеа Џејмс Бонд и за многумина останува најдобриот таен агент 007, почина на 90 години на Бахами, каде што живееше по повлекувањето од Холивуд.
„Тој беше и засекогаш ќе остане запаметен како оригиналниот Џејмс Бонд кој имаше легендарен влез во филмската историја кога првпат изговори ‘Бонд… Џејмс Бонд‘“, кажаа продуцентите на франшизата Мајкл Вилсон и Барбара Броколи.
Тој беше релативно непознат актер кога дебитираше во улогата на Џејмс Бонд во „Доктор Но“ во 1962 година и потоа изгради кариера која се протегна низ пет децении и освои оскар за најдобра споредна улога во „Недопирливите“ во 1988. Последниот филм го сними во 2003, а од јавниот живот целосно се повлече во 2011 година.
Конери во секоја прилика гордо го истакнуваше своето шкотско потекло и се залагаше за независност на Шкотска.