Ексклузивен хотелски бар во Лондон е прогласен за најдобар на светот, но во него моментално не може да се нарача пијачка.
Барот „Конот“ се наоѓа во рамките на истоимениот хотел во богатата лондонска населба Мејфер, но само што повторно почна да работи во средина на септември, тој одново мораше да ги затвори своите врати откако Англија по вторпат влезе во национален карантин на 5 ноември.
Без разлика на тоа, „Конот“ се најде на врвот на годишната листа на најдобрите 50 барови на светот и неговиот главен коктел мајстор Агостино Пероне е воодушевен од признанието.
„Ова е постигнување кон кое долго се стремевме“, вели Пероне.
Хотелот „Конот“ со пет ѕвезди е институција во Мејфер откако бил отворен во 1815 година, а неговиот бар во стилот на 1920-ите е на еднакво добар глас. Тој беше меѓу најдобрите десет барови на светот во изминатите 11 години, но ова е првпат да избива на врвот.
На второто место на листата се најде „Данте“ во Њујорк, а трет е „Кламсис“ во Атина. Листата ја составуваат 540 експерти од цел свет.