НОВ ЗЕЛАНД ТЕСНО ЈА ОТФРЛИ ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА НА МАРИХУАНАТА, ИАКО ПРЕМИЕРКАТА АРДЕРН ГЛАСАШЕ „ЗА“

Велингтон, (АФП)

Новозеланѓаните тесно го одбија предлогот за легализација на марихуаната, покажуваат официјалните резултати од референдумот, објавени денеска. Тој се одржа паралелно со парламентарните избори на 17 октомври, при што 50,7% од гласачите биле против.

Во прв момент беше објавено дека легализацијата не ја поддржале 53,1% Новозеланѓани.

Премиерката Џесинда Ардерн призна дека ја поддржала легализацијата, но во текот на изборната кампања не се изјасни како ќе гласа зашто не сакала да влијае врз исходот на референдумот. Ваквиот нејзин пристап ги разочара активистите кои ја водеа кампањата за легализација.

Ардерн кажа дека ќе ги почитува резултатите од референдумот, што значи дека во нејзиниот втор мандат нема да се менуваат законите.

На тој начин, Уругвај и Канада остануваат единствените држави на светот во кои што е дозволено рекреативно користење марихуана.