Десетина можни вакцини против ковид-19 се во завршната, трета фаза од тестирањето низ светот и „Фајзер“ и неговиот германски партнер „БиоНТек“ се први кои ги објавија резултатите. Тие денеска кажаа дека нивната експериментална вакцина е ефективна и дека обезбедува повеќе од 90-процентна заштита од ковид-19.
Оваа вакцина била тестирана на 43.500 луѓе во шест држави и досега не биле утврдени безбедносни грижи. Двете компании планираат да побараат одобрување за итно користење на вакцината до крајот на месецот.
Вакцината на „Фајзер“ и „БиоНТек“ користи целосно експериментален пристап: вбризгување на дел од генетскиот код на вирусот, односно ДНК, со цел да го тренира имунолошкиот систем, кој потоа произведува антитела и активира Т-клетки за да ги уништи заразените клетки.
Потребни се две дози, примени со три недели растојание. Тестирањата во САД, Германија, Бразил, Аргентина, Јужна Африка и Турција покажале дека 90-процентна заштита се постигнува седум дена по примањето на втората доза.
„Фајзер“ вели дека е способен да обезбеди 50 милиони дози од вакцината до крајот на годината, но постојат логистички проблеми, зашто таа мора да биде складирана на -80 Целзиусови степени. Засега е нејасно колкав имунитет обезбедува.
Компаниите велат дека до третата недела во ноември ќе имаат доволно податоци за да ја достават вакцината до регулаторите, кои треба да ја одобрат.