БАРСЕЛОНА ГИ СПАСУВА ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ВИНСКИ БАРОВИ БОДЕГИ, ДАВАЈЌИ ИМ ЗАШТИТЕН СТАТУС

Барселона, (Гардијан)

Градските власти на Барселона одлучија да спасат некои од најпрепознатливите и омилени барови во екот на кризата со коронавирусот, додавајќи ги на листата на заштитени културни места и згради.

Во Шпанија, бодеги се вински барови или подруми кои вообичаено служат храна, покрај вермут, шери и, секако, вино, кои се точат директно од буре. Повеќето од нив се мали и стари неколку децении и даваат верен приказ на локалниот живот.

Тие се соочија со згаснување по воведувањето на строгите рестриктивни мерки, бидејќи повеќето се премали за да се прилагодат на правилото за социјално дистанцирање и не можеа да работат со достава.

Браќата Давид и Карлос Монтеро се третата генерација сопственици на бодега барот „Кимет“ во предградието Грасија. Нивниот бар, кој работи од 1954 година, е еден од 11-те кои добија заштитен статус.

„Никогаш не сме се обидувале да следиме трендови или да привлекуваме туристи, ниту сме сакале да ја изгубиме суштината на бодега. Луѓето секогаш може да дојдат кај нас и да јадат традиционална храна“, вели Давид Монтеро.

Градските власти велат дека бодегите имаат важно социјално влијание на својата средина и ги задржуваат аспектите на историски интерес и оригиналност.