„Марвел“ планира во јули да почне со снимањето на продолжението на „Блек Пантер“, но засега нема информации на кој начин ќе ја замени главната ѕвезда Чедвик Боузман, кој почина од рак во август. Од студиото најавија дека нема да користат компјутерски ефекти за да го вратат Боузман во вториот дел.
„Холивуд рипортер“ објави дека снимањето ќе почне во јули во Атланта и ќе трае шест месеци. Мексиканскиот актер Теноч Уерта, една од ѕвездите на серијата „Наркос: Мексико“, е во преговори да биде еден од негативците, а Летиша Рајт, Лупита Нјонго, Винстон Дјук и Анџела Басет остануваат од досегашната екипа, со тоа што Рајт би можела да добие многу поистакната улога.
За првпат од 2009, „Марвел“ оваа година не издаде нов филм, фокусирајќи се на многуте серии планирани за стриминг сервисот „Дизни+“: „ВандаВижн“ со Елизабет Олсен и Пол Бетани ќе има премиера на 15 јануари, продукцијата на „Ши-Хулк“ и на „Мун Најт“ почна во март, „Локи“ и „Фалкон и Винтер Солџр“ се во фаза на комплетирање, а неодамна почна снимањето на „Госпоѓица Марвел“.