Наставник од селско училиште во Индија, фален за унапредување на образованието на девојчиња, е годинашниот добитник на наградата „Глобал тичер прајз“, што му се доделува на најдобриот учител на светот. Таа е проследена и со парична награда од милион долари и Ранџитсин Дисале кажа дека половина од парите ќе им подари на останатите учители кои влегоа во потесен избор.
Специјална награда за ковид херој доби Џејмс Фрост, британски наставник кој води сајт за бесплатни часови по математика.
Дисале, кој предава во училиштето во селото Паритевади во западната индиска држава Махараштра, излезе како победник во конкуренција на 12.000 номинирани учители.
„Во ова тешко време, учителите даваат сѐ од себе за да овозможат секој ученик да има пристап до своето вродено право на добро образование“, изјави 32-годишниот Дисале, откако неговото име беше соопштено на онлајн церемонија, што ја водеше британскиот актер Стивен Фрај.
Додавајќи дека верува во давање и споделување, тој кажа дека половина од премијата рамномерно ќе им подели на останатите учители кои влегоа во најдобрите десетмина.
Образложувајќи ја одлуката за победникот, стручното жири кажа дека Дисале им овозможува на непривилегираните девојчиња да одат на училиште и да постигнуваат високи резултати, место да остануваат без образование и рано да се мажат. Тој исто така одржува онлајн часови по наука за ученици од 83 држави.