ИЗБРАНИ НАЈДОБРИТЕ КАФУЛИЊА И КАФЕАНИ ВО СКОПЈЕ ВО ВРЕМЕ НА КОВИД-19

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Град Скопје, заедно со агенцијата „Свот“, ги избра најдобрите угостителски објекти во главниот град за 2020 година. Покрај стандардните критериуми за објектот, како хигиена, тоалет, амбиент, персонал и квалитет на храна, оваа година беше оценувано и почитувањето на ковид протоколите за работа, односно носење заштитна маска, оддалеченост на масите и дезинфекција.

За најдобар ресторан е избран „Стара градска куќа“, најдобра гостилница е „Дебар Маало“, ланч и мезе бар „Рок кафана Рустикана“, а најдобро кафуле е „Хепи кафе“.

„Оваа година, угостителството беше погодено на начин невиден досега на светско ниво. Имавме комплетно затворање во време на вонредната состојба, скратено работно време во поголемиот дел од годината, намален капацитет и дополнителни трошоци во време кога прометот беше драстично намален. Затоа овие признанија се уште позначајни годинава, бидејќи сме свесни колку беше тешко да се одржи нивото на услугата во овие услови. Им посакуваме на сите угостители да останат пред сè во добро здравје, а нивните локали да ја пребродат оваа тешка кризна состојба“, вели Марко Тодоров, раководител на Секторот за локален економски развој во Град Скопје.

Поради пандемијата, нема да се одржи традиционалното доделување на плакетите.

К. СЕЛАМОВСКА