Кон крајот на ноември заврши годинашната конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на Античкиот театар од римски период во Стоби. Годинава активностите биле фокусирани на три дела, конзервација на мермерните елементи од сценската зграда, конзервација и реставрација на носечките ѕидови под некогашните седишта од горниот дел на гледалиштето и археолошки истражувања на западниот отворен коридор меѓу гледалиштето и сценската зграда.
„Процесот на конзервација на мермерните елементи од сценската зграда вклучуваше чистење и консолидирање на блоковите од подиумот и скалите на сцената. Овој дел од сценската зграда никогаш не бил предмет на конзервација и се наоѓаше во лоша состојба. Вратен е првобитниот сјај на мермерните блокови и спречено нивното уништување. Втората активност беа масивните ѕидови под некогашните седишта од горниот сегмент на гледалиштето. Тие се откриени до височина од 6 метри што укажува на исклучително висок степен на сочуваност на објектот, но од друга страна нивните горни партии, во височина од околу 2 метри, континуирано се распаѓаат. Годинава се започна со конзервација и реставрација на ѕидовите во источната половина и беа третирани осум од 16-те откриени радијални ѕидови“, велат од НУ „Стоби“.
Додаваат дека конзервацијата на сценската зграда ќе продолжи догодина и со нејзиното комплетирање ќе биде отворена можност за исправање на оригиналните столбови и другите архитектонски елементи кои некогаш го сочинувале најраскошниот декоративен ансамбл натеатарот. Третата активност од годинашната работа на Римскиот театар во Стоби биле археолошките истражувања во западниот отворен коридор меѓу гледалиштето и сценската зграда. Тие имале за цел комплетно дооткривање на просторот кој бил истражуван во 1990 година.
„Тимот археолози открија урнатини од ѕидовите на театарот кои се срушиле како резултат на земјотресот во Стоби околу 300 година од н.е. По земјотресот, театарот бил обновен, урнатините во западниот пародос биле затрупани и тука бил поставен нов под. На подот се откриени серија на отвори за дрвени столбови чија цел сѐ уште не е јасна. Толкувањето на ова откритие е отежнато поради изградба на ѕид од последните години на функција на театарот со кој просторот по должината на пародосот бил преполовен“, велат од „Стоби“.
Проектот за археолошко до истражување на Римскиот театар од локалитетот Стоби е финансиран од Министерството за култура со 3,5 милиони денари. За следната 2021 е предвидено довршување на конзервацијата на сценската зграда, конзервација на преостанатите откриени ѕидови и скали во горниот дел на гледалиштето и археолошки доистражувања помеѓу ѕидовите од горниот сегмент.
П. ПЕЧКОВ