„НЕКОЈ НЕКА МИ КАЖЕ КОЛКУ СУМ ВАЖЕН“ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО ТЕАТАРОТ ЗА ДЕЦА И МЛАДИНЦИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Некој нека ми каже колку сум важен“ е насловот на новата претстава на Театарот за деца и младинци, која премиерно ќе се изведе вечерва во 19 часот. Претставата е работена според приказната „Kurt Quo Vadis?” на современиот норвешки писател Ерленд Лу, драматизацијата е на Милена Деполо, a ја постави хрватската режисерка Слаѓана Килибарда.

„Додека ја правевме оваа претстава не сакавме да бидеме како некои ‘паметни големи луѓе’ кои ќе ги научат нешто децата. Инаку, децата се многу често многу попаметни и од нас, баш како Бад, кој има само неколку годинки, а е попаметен и од својот татко. Сакавме на децата да им раскажеме приказна и со нив да ги споделиме мислите, грижите и чувствата кои растеа во нас додека се дружевме со Ерленд Лу и неговиот главен јунак Курт“, велат од ТДМ.

Играат: Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Никола Наковски, Ненад Митевски и Ангела Димитрова. Костимите се на Благовеста Василева, која заедно со режисерката работеше и на сценографијата. Претставата е наменета за публика над шест години.