Девојки во излог танцуваат и нудат услуги, беше уметничкиот перформанс на сексуалните работници изведен синоќа во Скопје.
Една од зградите на булеварот Климент Охридски беше претворена во излог на девојки, по примерот на квартот на црвени фенери во Амстердам. Зад прозорците осветлени со црвено светла и свеќи, застанаа шест сексуални работнички во долна облека, за да порачаат дека треба да престане насилството и дискриминацијата врз нив, полицијата да ги заштити, а во јавноста гласно да се зборува за нив.
Перформансот го обезбедуваше полицијата, која го затвори за движење делот од булеварот кој од Соборниот храм Свети Климент Охридски води кон центарот на градот. Минувачите љубопитно застануваа, ги гледаа дел од девојките а дел од нив и ги сликаа.
Организаторите на настанот, Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексулани работнички „Стар-стар, велат дека решиле да направат „Скопје ред лајт дистрикт“ со цел да видат како граѓаните би реагирале на идејата во Скопје да има девојки во излог кои нудат сексуални услуги.
Овој перформанс е најава за денешниот Марш на црвениот чадор, за одбележување на Меѓународниот ден – Стоп на насилство врз сексуалните работници. Сексуалните работници од земјава заедно со нивните поддржувачи по 10. пат ќе маршираат со порака и барање да престане насилството врз нив.
„Сексуалните работници во Македонија се соочуваат со насилство од повеќе страни. Не само што се врши насилство врз нив од клиентите туку и полицијата која треба да ги заштити постапува исто. Имаме случаи кога сексуални работнички се силувани од полицијаци од кои побарале помош“, велат од Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на сексуални работнички „Стар-стар“.
Маршот почнува во 12 часот на платото пред спомен куќата на Мајка Тереза.
Меѓународниот ден Стоп на насилството врз сексуалните работници за прв пат беше одбележан во 2003 година како спомен и почит за жртвите-сексуални работници на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, кој потоа беше осуден на доживотна казна затвор. Оттогаш на овој ден секоја година се организираат протесни маршови на сексуалните работници од целиот свет кои се борат против насилство и дискриминација.
Црвениот чадор е глобален симбол на сексуалната работа. Црвената боја е симбол на убавината, а чадорот е симбол на отпор против дискриминацијата и насилството.
А. АНТЕВСКА