ПАРИЗ ЌЕ ГИ ПРЕТВОРИ УЧИЛИШНИТЕ ПОВРШИНИ ВО ЈАВНИ ЗЕЛЕНИ ПРОСТОРИ

Париз, (Паризиен)

Париз ќе ги отвори училишните површини за локалните заедници, како дел од новата стратегија на еластичност. Тие ќе бидат претворени во јавни, зелени простори во рамките на долгорочниот план, со кој француската престолнина треба да се подготви за ризиците и предизвиците на 21. век.

Париз е еден од 32-те градови кои ја имаат објавено својата прва стратегија на еластичност. Градоначалничката Ан Идалго најави дека се во подготовка 35 различни акциски планови, кои имаат за цел да го направат градот поеластичен.

„Ниту еден парижанец не живее подалеку од 200 метри од училиште и планот е да се инвестира во нивни површини, што ќе биде во интерес и на учениците и на пошироката заедница. Тоа значи помалку пари, а повеќе ефикасност, така ние гледаме на еластичност. Подготвени сме да исфрлиме бетон и асфалт од училишните простори и да ги замениме со повеќе зеленило и вода и на тој начин да ги едуцираме децата за климатските промени. Другиот дел од проектот е да ги направиме овие 600.000 квадратни метри достапни за јавност. Мора да го трансформираме градот и тоа е голем предизвик“, изјави Себастијан Мер, кој е надлежен за спроведување на проектот.