Серијата „Господар на прстените“ е, веројатно, најисчекуваниот проект во подготовка и „Амазон“ најави неколку сезони од ТВ-екранизацијата на еден од најомилените и најуспешни филмски серијали.
Иако приказната сѐ уште не е позната, Јан Меккелен вели дека е подготвен да ја повтори улогата на волшебникот Гандалф. Тој кажа дека не може да замисли друг актер во оваа улога.
„Како тоа мислите друг Гандалф? Сѐ уште не сум кажал да, затоа што не ме ни прашале, но зарем некој друг би можел да го игра? Гандалф има над 7.000 години, што значи дека не сум престар за оваа улога“, кажа 78-годишниот Меккелен во интервјуто за Би-Би-Си радио.
За разлика од него, Енди Серкис вели дека улогата на Голум е минато за него.
„Не сум заинтересиран за овој ТВ-проект. Мислам дека во овој момент не би го направил тоа. Предолго бев дел од тој свет и тоа беше извонредно искуство, но тоа е сега зад мене“, изјави Серкис.
Меккелен го играше Гандалф во двете трилогии на Толкин и беше номиниран за Оскар за најдобра споредна улога во „Братството на прстенот“ во 2002 година.