Неколку децении откако настрада во бомбардирања и земјотрес, музејот во Помпеја доби нов живот, прикажувајќи ги исклучителните откритија пронајдени при ископувањата во овој древен римски град.
Познат како Антиквариум, музејот бил отворен во 1873 година, но во бомбардирањата во 1943 претрпел големи штети и биле уништени илјадници артефакти. Музејот продолжил со работа во 1948, но силниот земјотрес во 1980 доведе до негово повторно затворање на цели 36 години. Во 2016 била организирана само привремена изложба.
Директорот на археолошкиот парк Масимо Осана вели дека ова отворање е постојано и знак на надеж во овие тешки времиња. Богатствата изложени во музејот вклучуваат фрагменти од фрески, скулптури, сребрени лажици, мебел, амајлии и предмети од секојдневниот живот на градот пред да биде уништен во вулканска ерупција во 79 година.
Музејот во иднина само ќе се надополнува, имајќи предвид дека огромни делови од Помпеја допрва ќе се ископуваат.