Водопади се посакувана дестинација во лето, но тие создаваат спектакуларно и вонземско шоу и во зимските месеци, кога водата ќе замрзне. Ова се петте најубави замрзнати водопади на светот во изборот на „Форбс“.
ПЛИТВИЧКИ ЕЗЕРА, ХРВАТСКА
Овој национален парк во централна Хрватска се претвора во зимска земја на чудата со своите ледени сини водопади, кои изгледаат како замрзната и снежна шума. Водата која илјадници години тече преку варовници помогнала да се обликуваат езера, пештери и водопади. Паркот има 16 езера и пет пати поголема бројка водопади.
ГОДАФОС, ИСЛАНД
Легендата вели дека кога Исланѓаните го присвоиле христијанството како официјална религија пред 1.000 години локалниот водач и пагански свештеник Торгир Торкелсон ги фрлил идолите на старите нордиски богови во водопадот. Денес, Годафос се преведува како „водопад на боговите“. Широк е речиси 30 метри, а водата паѓа од 12 метри височина.
ЛЕДЕНИ ПЕШТЕРИ НА ОСТРОВОТ АПОСТЛ, САД
Брановите од езерото Супириор низ вековите го извајале крајбрежјето на островите Апостл во американската сојузна држава Висконсин. Тие се состојат од 21 остров, а природата издлабела сводови и патеки низ карпите. Во зима, кога езерото ќе замрзне, се добива земја од бајките, исполнета со мразулци налик на иглички.
ВОДОПАДИТЕ НА ПЛАНИНАТА ЈУНТАИ, КИНА
Овој национален парк во кинеската покраина Хенан е благословен со шуми, илјадници егзотични цвеќиња, ретки билки, планини, клисури, езера и, секако, водопади, кои маѓепсуваат во зима и креираат смирена зимска сцена.
МИНЕХАНА, САД
Регионалните паркови заслужуваат исто воодушевување како националните, а доказ за тоа е овој 16 метри висок водопад во Минеаполис. Замрзнатата вода создава прекрасен сино-зелен омбре ефект.