ДНЕВНА СВЕТЛИНА И МАЛКУ ПУДРА – ТРИКОВИ ЗА ПОДОБАР ИЗГЛЕД НА ОНЛАЈН СОСТАНОЦИТЕ

Берлин, (ДПА)

Видеоповиците станаа составен дел од секојдневието во ковид пандемијата. Од конференциски повици до виртуелни забави, онлајн платформите како Зум се користат постојано. Но, техничките и естетските недостатоци никогаш не биле поочигледни.

„Зарем не изгледа уморно денеска?“, „Изгледа болно?“, „Нема шминка?“, се некои од коментарите што може да се слушнат доколку некој не изгледа добро на камера.

Како да изгледате добро за време на видеоповикот? Еве неколку корисни совети:

  • Размислете за перспективата

Дури и со малите камери вградени во лаптопите може многу да се направи. Сѐзапочнува со тоа како е позиционирана камерата.

„Погледот одозгора може не сакајќи да создаде арогантна атмосфера. Најдобро е камерата да се постави на ниво на очите, како при разговор лице в лице. Поставете го лаптопот повисоко, на пример, на некои книги, со цел да го избегнете снимањето на ноздрите. Околу 50 до 100 сантиметри или должина на раката е добро растојание од лицето“, вели специјалистот за видеохардвер, Натасја Слука.

  • Нека има светлина

Доброто осветлување е од голема важност за добар изглед на камера. Прозорец или запалена ламба зад вас значи дека од другата страна ќе видат само темна сенка, но и премалку светло не е добро.

„Најдобро е да се користи дневна светлина. Топлите бои со светложолти или црвени тонови помагаат да се создаде поубав тен, а со тоа и подобра слика. Ако сето тоа не е доволно, ставете една ламба зад вашата тетратка на која е поставен лаптопот/телефонот“, вели Слука.

  • Малку пудра нема да штети (важи и за мажите)

Камерата е безмилосна и може да делува како лупа, па и најмала маана на кожата да се примети.

„Сјајна кожа е забележителна на видеоповиците. Ако имате важен повик, би ги советувала и мажите да нанесат малку пудра. Во зависност од положбата на лаптопот, круговите под очите може да изгледаат уште потемни. Затоа треба да се користи коректор. Руменило и малку маскара уште повеќе ги отвораат очите, па делува дека сте повнимателни. Ако носите големи обетки или ѓердан и слушалки истовремено, внимавајте да не се допираат едни со други“, советува шминкерката Јасмин Ројтер.

  • „Облечи” ја и твојата позадина

Веројатно сте откриле безброј интересни работи во домот на луѓето со кои разговарате на видеоповик.

„Проверете однапред што се гледа и размислете каков впечаток оставате. Осигурајте се работите да изгледаат уредно. Има низа алатки вклучени во апликациите за видеоконференции што ќе ви овозможат да ја замаглите позадината или да прикажете каква било слика во позадина. Обични, светли позадини ќе направат да изгледате поубаво и вие ќе бидете во фокусот. Фотографии од одмор и смешни дизајни може да послужат за почеток за разговор, но на крајот, само го одвлекуваат вниманието“, смета Слука.