ДОМАШНИ МИЛЕНИЦИ ЌЕ СЕ ТЕСТИРААТ ЗА КОРОНАВИРУС ВО ЈУЖНА КОРЕЈА

Сеул, (Би-Би-Си)

Кучиња и мачки кои се чуваат како домашни миленици ќе се тестираат за коронавирус во Јужна Кореја ако покажуваат симптоми. Ова следува неколку недели откако во земјата беше регистриран прв случај на заразено животно.

Ќе се тестираат само животни кои имаат симптоми како треска или проблеми со дишењето откако биле изложени на човечки носител на вирусот. Ако имаат позитивен тест, тие ќе мора да бидат во карантин во домашни услови.

Минатиот месец беше откриена заразена мачка во еден верски објект во југоисточниот град Џинџу и се верува дека таа го фатила вирусот од мајка и ќерка кои престојувале таму.

Експертите тврдат дека е малку веројатно дека кучиња и мачки можат да го пренесат вирусот на човекот, но некои истражувања покажуваат дека трансмисијата е можна помеѓу мачки. Освен кај домашни миленици, коронавирусот досега е откриен и кај диви животни во зоолошки градини во Европа и САД, како лавови, тигри и горили.