ПОРАДИ НЕДОСТИГ НА СНЕГ, ОСЛО СОЗДАДЕ СКИЈАЧКИ ПАТЕКИ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ

Осло, (АФП)

Велат дека Норвежаните се родени со скии на нозете, но земјата оваа зима се соочи со недостиг на снег и коронамерки. Со цел неговите жители да не останат ускратени за омилениот спорт, властите донесоа снег и скијачки патеки во центарот на Осло.

Во изминатите недели, големи камиони истоваруваат стотици кубни метри снег во сѐ уште зелените градски паркови, создаден од снежни топови на околните ридови. Парковите сега се претворени во патеки за скијачко трчање, на кои можат да се видат и деца и активни пензионери и луѓе на пауза од работа.

„Веќе три месеци имаме многу строги рестрикции поради вирусот во Осло, но барем можеме да излегуваме надвор. Бидејќи не сме имале многу снег оваа зима, правиме што можеме за да ги зближиме луѓето. Им носиме малку од шумските ридови во центарот на градот“, вели градскиот советник Омар Сами Гамал.

Четири парка во Осло, вклучувајќи го и оној што ѝ припаѓа на кралската палата, се веќе целосно или делумно покриени со вештачки снег за да се задоволи желбата на локалните жители за скијање и санкање.

Норвешка ги трпи последиците од климатските промени и според тамошниот метеоролошки институт, Осло во изминатите 30 години изгубил 21 зимски ден (кога температурите се под нула). Оттаму предупредуваат дека градот би можел да изгуби уште 26 зимски дена до 2050.