Американската вселенска агенција објави дека нејзината сонда „Персеверанс“ се наоѓа во совршена позиција пред утрешното слетување на Марс. Слетувањето е предвидено во кратерот Језеро, именуван според село во БиХ, што се наоѓа северно од екваторот на планетата.

Главните цели на мисијата ќе бидат потрага по знаци на древен живот и собирање примероци од карпи, што ќе бидат донесени на Земјата во следната деценија. Инженерите кажаа дека засега не се планирани промени во траекторијата на леталото.

„Персеверанс“ вчера се наоѓал на половина милион километри до целта. Се очекува сондата да испрати сигнал од атмосферата на Марс утре во 21:48 часот по македонско време. Ако сѐ помине во ред, потврдата за безбедно слетување треба да пристигне на Земјата седум минути подоцна.

Поради сегашното растојание меѓу Земја и Марс од 190 милиони километри, потребни се 11 минути за да пристигнат комуникациите, што значи ќе биде невозможно инженерите да интервенираат ако нешто тргне на лошо.

На прв поглед, „Персеверанс“ изгледа исто како сондата „Кјуриосити“, што НАСА ја спушти на Марс во 2012 година, но новото возило содржи низа напредни инструменти и е опремено со повеќе од 20 камери и со неколку микрофони. Две камери се поставени на мал хеликоптер, што ќе се обиде да лета во разретчената атмосфера на Марс.

„Персеверанс“ ќе бара траги на примитивен живот, што можеби останале во она што се смета за талози на некогаш огромно езеро во Језеро.