НАЈПОЗНАТИОТ ПРОИЗВОДИТЕЛ НА ШАХОВСКИ ТАБЛИ НЕ МОЖЕ ДА ПОСТИГНЕ СО НАРАЧКИТЕ ПО СЕРИЈАТА „ДАМСКИ ГАМБИТ“

Мадрид, (Јуроњуз)

Пандемијата на ковид-19, карантините, рестрикциите и хит серијата „Дамски гамбит“ придонесоа за зголемување на продажбата на шаховски табли.

Серијата која го следи подемот на Бет Хармон создаде нови фанови на овој спорт и поттикна масовно купување шаховски табли од каталонската компанија „Решападос Ферер“, чии табли беа користени и на снимањето на популарната драма.

„За време на карантините, нарачките почнаа да се зголемуваат и мислевме дека тоа е резултат на фактот што луѓето минуваат премногу време дома и бараат начини да си го пополнат времето. Но, еден од вработените ги препозна нашите шаховски табли во серијата и сфативме дека нарачките се поради популарноста на ‘Дамски гамбит’“, изјави Давид Ферер, сопственик на компанијата „Решепадос Ферер“.

Пред коронакризата, компанијата се борела да опстане. Но, од почетокот на емитувањето на серијата, производството на шаховски табли ѝ пораснало од 20.000 годишно на 40.000 за само три месеци.

„Дури моравме да ги ограничиме нарачките и да ја реорганизираме работата за да можеме да ги испорачаме сите табли на време. Некои клиенти се вознемирени што не ги добиваат своите табли побрзо, но ова е занаетчиско производство по мерка и бара повеќе време“, додава Ферер.

Ферер е веќе етаблирано име во шаховскиот свет и неговите табли редовно се користат и на светските првенства за шах.