Универзитетот во Ливерпул ги лансираше првите мастерс студии на светот посветени на „Битлс“ и на поширокото влијание на легендарната група врз музиката и општеството.
Универзитетот соопшти дека веќе почнал да прима пријави за курсот „Битлс: Музичка индустрија и наследство“, што ќе почне во септември годинава. Оттаму кажаа дека оваа диплома може да им послужи на оние кои работат или сакаат да градат кариера во уметничкиот или туристичкиот сектор.
„Пресреќни сме што почнуваме со формални студии по ‘Битлс‘ на Одделот за музика и Институтот за популарна музика во рамките на Универзитетот во Ливерпул. Студентите ќе учат за влијанието на групата врз популарната музика, културата и креативната индустрија“, изјави водачот на програмата Холи Теслер.
Основана во Ливерпул во 1960 година, групата за една деценија постоење стана една од најуспешните и највлијателни во историјата на музиката.