ТОЈ БИ КАЖАЛ НЕШТО УБАВО И ИНСПИРАТИВНО, РЕЧЕ ВДОВИЦАТА НА ЧЕДВИК БОУЗМАН ПРИМАЈЌИ ГО НЕГОВИОТ ЗЛАТЕН ГЛОБУС

Лос Анџелес, (АП)

По Питер Финч и Хит Леџер, Чедвик Боузман ноќеска стана трет актер на кој посмртно му бил доделен Златен глобус. Тој беше прогласен за најдобар актер во драма за својата последна филмска улога во „Ма Рејни: Мајка на блузот“, а наградата во негово име преку видеоврска ја прими неговата вдовица Тејлор Симон Ледвард.

Борејќи се со солзите, Ледвард во најемотивниот момент на 78. Златни глобуси кажа дека никогаш не би можела да се изрази така добро како Боузман.

„Тој би му се заблагодарил на Господ. Тој би им се заблагодарил на своите родители, на своите претци за нивните жртви и водство. Тој би кажал нешто убаво, нешто инспиративно, нешто што би го засилило тој мал глас што го имаме сите ние во нас, гласот кој ни кажува дека можеме и дека треба да се трудиме. Јас ги немам неговите зборови, но мора постојано да ги славиме оние што ги сакаме“, изјави Ледвард.

Ѕвездата на „Блек Пантер“, улога која го направи американска икона, имаше само 43 години кога почина од рак на 29 август минатата година и дури потоа се дозна дека во последните години снимал меѓу операциите и многубројните третмани со хемотерапија. Многумина предвидуваат дека златниот глобус е само најава за номинација за оскар.