„ДАЈТЕ МУЗИКА“ И ВО ВТОРАТА СЕЗОНА СОЗДАДЕ НОВИ И ПРОМОВИРАШЕ СТАРИ МАКЕДОНСКИ ХИТОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Детскиот серијал „Дајте музика“ и во втората сезона продолжи да ја доближува македонската музика до младата публика, како резултат на што продукцијата „Рифенштал“ издаде два диска со најголемите хитови, кои промотивно се делат преку социјалните мрежи.

Тој лансираше многу авторски хитови напишани од некои од најпознатите домашни композитори, како Роберт Билбилов, Никола Перевски-Пере, Борче Кузмановски и Никола Мицевски, а како изведувачи се јавуваат талентираните млади пејачи и актери од серијалот.

Некои од музичките видеа поставени на каналот на „Дајте музика“ на Јутјуб достигнаа до 800.000 прегледи. Во изминатите три месеци, најпопуларни се преработките на „Сите мои слики“ од „Ареа“ со речиси 370.000 и „Скопје“ од Влатко Стефановски со 270.000 прегледи, додека божиќното „Бекутан“ видео со преработката на песната „Ѕвона“ од Каролина Гочева има над 300.000 прегледи на сите канали.

Севкупно, Јутјуб каналот на „Дајте музика“ има надминато 24,5 милиони прегледи.