Ѕвездена постава има новиот филм на Ридли Скот, „Куќата Гучи“ (House of Gucci), што се снима периодов во Италија. Внукот на легендарниот италијански дизајнер Гучо Гучи, Маурицио, го игра Адам Драјвер, неговата сопруга Патриција Реџани е Леди Гага, а во кастот се и Ал Пачино, Џаред Лето и Џереми Ајронс.
Скот речиси цела деценија работи на овој филм, а медиумите неколкупати шпекулираа за главните улоги, па се споменуваа и Анџелина Џоли, Леонардо ДиКаприо, Пенелопе Круз и Марго Роби.
Приказната е фокусирана на падот на династијата Гучи. Реџани беше обвинета и осудена за планирање на убиството на својот бивш сопруг Маурицио Гучи, кој едно време беше шеф на прославената модна куќа. Тој беше убиен од платен убиец пред својата канцеларија во 1995 и Реџани беше уапсена две години подоцна, за потоа да биде осудена на 29 години затвор. Реџани, која од медиумите доби прекар Црна Вдовица, беше ослободена во 2016 поради добро однесување.
Сценариото се базира на книгата „Куќата на Гучи: Сензационална приказна за убиство, лудило, гламур и алчност“. Филмот почна да се снима во Рим, продолжи на италијанските Алпи, а екипата периодов е во Милано. Премиерата е закажана за 24 ноември 2021, кога е 100-годишнината од основањето на модната куќа.